Македонија Гаврил Бубевски од поранешно СЈО избран за прв човек на скопското Обвинителство

Гаврил Бубевски од поранешно СЈО избран за прв човек на скопското Обвинителство

Фото: Архива на Мета.мк

Обвинителот Гаврил Бубевски е избран за нов прв човек на Основното јавно обвинителство – Скопје (ОЈО-Скопје), објави Советот на јавни обвинители.

Бубевски беше дел од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а потоа ја продолжи својата работа во скопското Обвинителство. Тој доаѓа на местото на Сашо Рајчев, кој беше избран за виш јавен обвинител. Првата позиција во ОЈО-Скопје беше празна речиси половина година.

Советот на јавните обвинители на денешната 42. седница ги избра Соња Симовска и Љупчо Коцевски за обвинители во Јавното обвинителство на РМ, Стевчо Донев за обвинител во Вишото јавно обвинителство Штип и Бесир Алиу за шеф на ОЈО Тетово.

Инаку, во пожарот во бараките на ЈП „Улици и патишта – Скопје“ позади ТЦ Буњаковец во втората половина на минатиот месец, еден од автомобилите што изгоре беше и автомобилот на Бубевски.