Синоќа пожарникарите мораа да се прекачуваат преку балкони за да го изгасат пожарот кој изби во зграда на улица „Христо Смирненски“ во непосредна близина на „Треска“, во тесните улички во близина на Универзална Сала, во градската четврт Буњаковец во Општина Центар.
Станарите дел од минатата ноќ ја минаа на улица додека траеше гасењето на пожарот кој зафати еден од становите. Инцидентот кој започнал околу 3 часот по полноќ поминал без повредени лица, а материјалната штета првично се проценува на неколку илјади евра.
Жители од загрозената зграда им објаснија на новинарите на Мета.мк дека поголема катастрофа со жртви била избегната благодарение еден од соседите. Тој случајно бил буден и штом го почуствувал чадот веднаш ги алармирал надлежните служби и почнал да ги буди другите станари, одејќи од врата до врата.
Според очевидците, токсичниот чад од станот што горел на вториот спрат брзо се пробивал кон погорните спратови, а доколку пламените јазици го зафателе балконот пожарот можел лесно да се прошири и на соседната зграда која е „залепена“ до опожарената.
Единицата за противпожарна заштита го примила повикот во 3:20 часот и за многу кратко време ја започнале акцијата на гасење, која според изјавата на Владимир Симоновски, командант на скопската бригада за противпожарна заштита за Канал 5, траела околу 20 минути. Заедно со пожарната дошле и полицијата и брза помош.
Запалениот стан е лоциран на страната на зградата свртена кон просторот на поранешната фабрика „Треска“ и до која нема директен пристап за пожарникарско возило. Заради тоа пожарникарите морале да се искачуваат до станот преку подолните балкони, поставувајќи модуларни скали кои се закачуваат на оградите.
Додека пожарникарите се труделе да допрат до станот зафатен со пожар, полицијата спровела евакауција на сите станари. Посебна грижа била посветена на децата и постари лица од зградата кои биле сместени во службените возила со вклучено парно за да ги заштитат од студот.
Како што раскажуваат очевидците, последен бил евакуиран И.Ч. (64), кој живее под кирија токму во опожарениот стан. Според соседите, тој прво не реагирал на нивно ѕвонење, иако се слушало дека се движи низ станот, а по интервенција на полицијата пред влезот се расправал со полицајците околу тоа кој смее, а кој не смее да влегува, гаси и спасува.
Во утринските часови полицијата изврши увид со цел да ги утврди причините за пожарот.
Недостатокот на пристап за противпожарни возила до зградите во општина Центар беше посочен како проблем кое мора под итно да се реши во предизборната програма на независната советничка листа „Шанса за Центар“. Тие предупредуваа на „црни урбанистички точки“, односно локации со висок ризик за губење човечки животи поради лошото урбанистичко планирање и легализирана непрописна градба, како при пожарот со 91 жртва во атинската населба Мати во 2018 година.
На 25 септември Мета.мк извести за пожарот кој изби во халата на бившата фабрика „Треска“, во непосредна близина на зградата во која синоќа изби пожар. Нема јавно достапни информации за расчистување на тој случај односно за тоа дали се откриени и санкционирани одговорните лица, или дека од сопствениците се преземени мерки за отстранување на лесно запаливите материјали со кои се полни небезбедните хали.