Свет Свет Франција ќе покрене потрага по други делови од малезискиот авион

Франција ќе покрене потрага по други делови од малезискиот авион

Франција соопшти дека ќе покрене нова потрага на островот Рејунион во Индискиот Океан со надеж дека ќе бидат пронајдени уште делови од малезискиот авион, кој со 239 патници и членови на екипажот исчезнаа на летот МХ370 пред 17 месеци.

На тој чекор Франција се одлучи затоа што надлежните во Малезија објавија дека пронајдениот дел од крилото на авионот на островот припаѓа на „боингот 777“.
Во потрагата ќе учествуваат воздухопловните и копнените сили, како и морнарицата.

„Какво било откритие ќе биде веднаш испратено на истражителите“, се наведува во заедничкото соопштение на француските министерства за одбрана и за сообраќај.

Истовремено, роднините на загинатите патници од Кина побараа да го посетат островот Рејунион.

Министерот за транспорт на Малезија, Лиов Тионг Лаи, рекол дека вчера се пронајдени и други делови од авионот, меѓу кои и седишта и прозорци.

Малезискиот премиер, Наџиб Разак, потврди дека пред два дена дел од крилото на „боинг 777“ што беше откриен на островот Рејунион, припаѓа на исчезнатиот авион.

– Меѓународниот тим на стручњаци конечно потврди дека остатоците од авионот најдени на островот Рејунион навистина припаѓаат на авионот од летот МХ370 – соопшти Наџиб.

Авионот на малезиската авиокомпанија исчезна од радарот во март минатата година, со 239 патници и членови на екипажот на летот од Куала Лумпур до Пекинг.