Свет Франција го активира својот најголем воен брод во операциите против ИД

Франција го активира својот најголем воен брод во операциите против ИД

Франција го испараќа својот најголем воен брод, носачот на авиони „Шарл де Гол“, како засилување во операциите против Исламска држава (ИД), во Сирија и во Ирак, јавува „Би-Би-Си“.

Како што пренесува британскиот национален сервис, неговото активирање во кампањата против ИД ќе го скрати времето што им е потребно на француските борбени авиони за изведување на воздушните напади.

Франција се вклучи во операциите против ИД во Ирак во септември минатата година, како дел од коалицијата предводена од Соединетите Американски Држави (САД). Во септември годинава, француските сили почнаа со воздушни напади врз позиции на ИД и на територијата на Сирија.

Во моментов, според „Би-Би-Си“, Франција користи шест воени авиони од типот „мираж“, стационирани во Јордан и шест од типот „рафал“, во Обединетите Арапски Емирати.

Носачот на авиони „Шарл де Гол“ има капацитет за 40 борбени летала и може да опслужи 100 летови дневно.