Дописници Фото–изложба за „Света Софија“ во Охрид

Фото–изложба за „Света Софија“ во Охрид

В сабота, 17 јануари, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, ќе биде отворена фото-изложбата насловена „Катедралата „Света Софија“: Од Охрид до Полотск“. Фотографиите се дело на проф. д-р Сергеј Тарасов.

Изложбата ја организира Институтот за социо-културна антропологија на Македонија, во соработка со Европскиот хуманистички универзитет од Вилнус, Литванија.

Изложбената поставка е дел од програмата на третата Меѓународна конференција „Охрид – Водици 2015“, посветена на прашања од културното наследство, локалниот економски развој, туризмот и медиумите, спроведена од Организација за поддршка на проучувањето на културното наследство (MIRAS ) од Баку, Азербејџан, Универзитетот за аудио-визуелни уметности – ЕСРА, Скопје – Париз – Њујорк и од Центарот за научно истражување и промоција на културата HAEMUS од Скопје.

Ќе настапат предавачи од Македонија, Србија, Бугарија, Франција, Азербејџан, Албанија и од Литванија. Предавач и претставник од Охрид ќе биде проф. д-р Рубин Земон.