Македонија Форум на слободоумни патриоти: ВМРО-ДПМНЕ јавно да се огради од посетата на...

Форум на слободоумни патриоти: ВМРО-ДПМНЕ јавно да се огради од посетата на Ахмети на Атина

Форумот на слободоумни патриоти го повикува раководството на владејачката ВМРО-ДПМНЕ јавно да се дистанцира и да се огради од вчерашните активности во Атина на својот коалициски партнер ДУИ. Оттаму, како што пренесува „Нова ТВ“, сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ треба да му укаже на својот коалициски партнер дека нема мандат да преговара за името на државата со Грција.

Според Форумот на слободоумни патриоти, доколку раководството на ВМРО-ДПМНЕ не се огради од активностите на ДУИ во Атина, тогаш оваа нивна активност може да се сфати како уште една добро договорена и режирана акција помеѓу нив, а за замајување и за оттргнување на вниманието од актуелната политичка криза и од вистинските проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

Спорот за името и односите меѓу Македонија и Грција биле двете главни теми на разговорите меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, на вчерашната средба во грчкото министерство за надворешни работи.

Ахмети, кој беше придружуван од двајцата вицепремиери, Фатмир Бесими и Муса Џафери, и од пратеникот Артан Груби, по средбата истакна дека воочил добра волја и подготвеност од грчка страна за решавање на спорот за името, став кој, како што рече, планира да го пренесе кај своите коалициски партнери во Македонија.