Подглавна секција Фон дер Лајен во посета на Киев, ќе се разговара за пристапниот...

Фон дер Лајен во посета на Киев, ќе се разговара за пристапниот пат на Украина во ЕУ

Тука сум да разговарам за пристапниот пат на Украина во ЕУ, рече таа објавувајќи фотографија со украинскиот претседател Володимир Зеленски

Фото: European Parliament from EU, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска пристигна во Киев за да разговара за проширувањето на Европската унија (ЕУ) со украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави таа на платформата „X“, поранешен Твитер.

„Тука сум да разговарам за пристапниот пат на Украина во ЕУ“, рече таа додавајќи дека ќе разговараат и за финансиската поддршка на ЕУ за обнова на Украина.

На конференцијата за проширување на Европската Унија пред неколку дена учествуваа голем број европски министри за надворешни работи и министри за европски прашања.

Проширувањето на ЕУ, рече германската министерка Аналена Бербок, е геополитичка неопходност, а Украина треба да биде членка на „нашата Европска Унија“, рече таа обраќајќи му се на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

„Убедена сум дека Европскиот совет ќе го даде тој сигнал во декември“, додаде Бербок.

Европската комисија на 8 ноември треба да ги претстави извештаите за реформите на Украина и Молдавија, кои се кандидати за членство. Врз основа на извештајот, шефовите на држави и влади на Унијата во декември ќе одлучат дали може да започнат преговорите за членство со двете земји, како и дали Грузија треба да добие кандидатски статус.

Бербок: Проширување на ЕУ е неопходно, Путин сè уште се обидува да создаде поделби

Минатата недела претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен отпатува за Западен Балкан, а ја посети и земјава, пред годишниот извештај на Европската комисија за проширувањето на ЕУ. Целта на Балканската турнеја беше да се координираат напорите и да се поддржат реформите потребни за приближување на земјите кандидати до членство во ЕУ.