Македонија Флоријан Бибер смета дека ЕУ ќе се обиде да го спречи продлабочувањето...

Флоријан Бибер смета дека ЕУ ќе се обиде да го спречи продлабочувањето на кризата

Европската Унија и меѓународната заедница веројатно ќе се обидат да спречат продлабочување на политичката криза во Македонија, изјави за „Мета“ експертот за Балканот и професор на Универзитетот во Грац, Австрија, Флоријан Бибер, коментирајќи ги тесните изборни резултати.

– Тешко може да се каже, но очекувам дека ќе има некаква инволвираност на ЕУ во обид да се спречи продолжување на кризата и организирање на нови избори, кои нема да дадат некои поинакви резултати. Дали тоа ќе биде преку притискање за формирање голема коалиција или поширока коалиција без ВМРО-ДПМНЕ, останува да се види. Секако, се чини дека нема да биде статус кво – вели Бибер, одговарајќи на прашање дали ваквите изборни резултати и отежнатото формирање на влада може да ја продлабочат кризата во земјата и да водат кон нови предвремени избори или може да се очекува ново инволвирање на ЕУ.