Македонија Финансиска полиција со кривична против вработен во болницата „Санте Плус“ за неисплата...

Финансиска полиција со кривична против вработен во болницата „Санте Плус“ за неисплата на придонеси

Фото: Robert Anasch, Unsplash

Управата за финансиска полиција денеска поднесе кривична пријава против едно физичко лице во својство на одговорно лице во правниот субјект „Приватна здравствена установа-Специјална болница по гинекологија, акушерство и ортопедија САНТЕ ПЛУС ГРУП“ Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје.

Според податоците на полицијата, пријавеното лице во периодот од 2016 година до 2018 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист за себе и за пријавената здравствена установа, во повеќе наврати извршила исплата на парични средства “во готово” во вкупен износ од 35.097.304 денари по основ на плата и додатоци/бонуси на плата на поголем број физички лица.

Во соопштението се вели дека вработените биле работно ангажирани за потребите на пријавената здравствена установа, но без при тоа таквите исплати да ги евидентира во сметководствената евиденција на приватната здравствена установа САНТЕ ПЛУС ГРУП Скопје.

Исто така, при исплатата на платите, на вработените не им биле пресметани и пријавени придонеси за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонеси за задолжително здравствено осигурување, придонеси за вработување и дополнителни придонеси за задолжително осигурување во случај на повреда или професионално заболување, како и персонален данок од доход.

На овој начин, според доказите со кои располага Финансиската полиција причинетата штета на Буџетот на Република Северна Македонија изнесува вкупно 11.609.349 денари, односно 188.200 евра.