Забава Филмот „Момчештво“ со најмногу награди „Златен глобус“

Филмот „Момчештво“ со најмногу награди „Златен глобус“

Филмот „Момчештво“, кој се снимаше 12 години, освои најмногу награди на годинешниот „Златен глобус“, што се одржа вчеравечер во хотелот „Беверли Хилтон“ во Беверели Хилс.

„Момчештво“ освои награда за најдобра драма, на режисерот Ричард Линклејтер му донесе награда за најдобар режисер и на актерката Патриша Аркет – награда за најдобра актерка во споредна улога.

Наградата за најдобро сценарио му припадна на Алехандро Гонзалез за „Брдмен“, за најдобра комедија/мјузикл награда освои филмот на Вес Андерсон, „Гранд хотел Будимпешта“, а за најдобар анимиран филм вториот дел на „Како да го тренираш твојот змеј“. Рускиот филм „Левијатан“ е прогласен за најдобар странски филм.

За најдобра актерка беше прогласена Џулиен Мур во драмата „Сè уште Алис“, а за најдобра актерка во мјузикл/комедија наградата ја освои Ејми Адамс за филмот „Големи очи“. Најдобар актер во драма е Еди Редмејн за биографскиот филм за Стивен Хокинг „Теоријата за сè“, а со наградата најдобар актер во мјузикл/комедија се закити Мајкл Китон за улогата во „Брдмен“. За најдобра ТВ-драма е прогласена серијата „Афера“, а за најдобра ТВ-серија во категоријата комедија/мјузикл наградата ја доби „Транспрент“.

Кевин Спејси за улогата во „Куќа од карти“ ја доби најградата најдобар актер во телевизиска драма, а Рут Вилсон за најдобра актерка во ТВ-драма за серијата „Афера“.
Џорџ Клуни, кој ја доби наградата за животно дело, носеше беџ со натписот „Јас сум Шарли“.

Церемонијата ја водеа Тина Феј и Ејми Полер.