Македонија Филков во Идризово по вчерашниот инцидент: Состојбата во затворите е алармантна

Филков во Идризово по вчерашниот инцидент: Состојбата во затворите е алармантна

По извршениот претрес, во одделението Амбуланта биле пронајдени 37 метални шипки, 21 дрвена рачка, 3 кабли, 12 штрафови, 15 ножеви, 4 штрафцигери, пластичен шприц со две игли, ножици, парчиња од скршено стакло и три полначи за мобилен телефон

фото: Министерство за правда

Состојбата во затворите е алармантна. Ресоцијализација и рехабилитација со лоши услови во затворите не може да има. Вака коментира новиот министер за правда Игор Филков, по денешната посета во затворот Идризово, откако вчера се случи инцидент во затвореното одделение Амбуланта, каде беа повредени припадници на затворската полиција и затвореници.

„На 26.06.2024 во 13.10 часот во СВР Скопје од КПУ Затвор Идризово било пријавено дека околу 10.30 часот во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе осудени лица, при што со повреди се здобил Е.М.(26), додека С.Д.(43) и С.М.(29) се здобиле со повреди од остар предмет, по што биле пренесени во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ за укажување на лекарска помош“, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Филков од директорот на затворот, Зоран Јовановски, добил информации за настанот и за проблемите со кои се соочува установата – пренатрупаноста, немањето соодветни просторни услови за сместување, недостигот на медицински персонал и лица задолжени за ресоцијализација.

По извршениот претрес, во одделението Амбуланта биле пронајдени 37 метални шипки, 21 дрвена рачка, 3 кабли, 12 штрафови, 15 ножеви, 4 штрафцигери, пластичен шприц со две игли, ножици, парчиња од скршено стакло и три полначи за мобилен телефон.

„При физичката пресметка предизвикана е поголема материјална штета. Во наредниот период потребно е да се донесат конкретни мерки за подобрување на состојбите и условите во затворите“, стои во соопштението од Министерството за правда.