Македонија Филипче: Со помош на ЕУ ќе се инвестира во кадар и опрема...

Филипче: Со помош на ЕУ ќе се инвестира во кадар и опрема во интензивните одделенија

Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

На средбата во Охрид со специјализантите и младите лекари, министерот за здравство Венко Филипче ги истакна и можностите кои се нудат на јавното здравство преку усогласувањето со законодавството на Европската Унија, како и новите можности кои ги нудат програмите. Во таа насока тој истакна дека преку ИПА 3 – инструментот за првпат има средства за унапредување на здравствениот систем во нашата земја, наменети за инвестиции пред сè во луѓето и во опремувањето и унапредувањето на одделенијата за интензивна нега ширум земјата.

– Направивме предлог-проекти кои сегменти сакаме да ги зајакнеме. Правилно сме процениле дека најмногу треба да се инвестира во луѓето. Кризата со корона вирусот потврди дека вистинската инвестиција во здравството е прво во луѓето, потоа опремата, за што разговаравме и со ЕУ, и утврдивме дека е најважно да се зајакнат најбитните сегменти во секоја установа, а тоа се одделенијата за интензивна нега – истакна Филипче.

Министерот разговараше со младите лекари и специјализанти за важноста на одделенијата за интензивна нега, како во однос на опременоста со современи апарати и целосна инфраструктура, така и со силни и обучени тимови на медицински персонал кои ќе им пружаат соодветна нега и третман на најкритичните пациенти.