Македонија Филипче: Не гледам потреба од заострување на мерките против ковид-19

Филипче: Не гледам потреба од заострување на мерките против ковид-19

Извор: Фан-страница на Венко Филипче на Фејсбук

Сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници се доволни со оглед на тоа дека такви собири на јавни места има насекаде, изјави денеска министерот здравство во заминување, Венко Филипче при посетата на Клиниката за ортопедија. Според него, кулминација ќе се достигне за време на новогодишните празници и после сето тоа ќе спласне.

„Не гледам зошто специфично и само за новогодишните празници би правеле некаква рестрикција кога собири сега пред Нова година традиционално има секаде во огромен број луѓе се собираат“, рече Филипче.

Во врска со вакцинираните лица Филипче кажа дека процентот е висок, но и дека е интересот спласнат.

„Опфатот којшто според новиот попис веројатно негде помеѓу 50, па дури и 55 проценти ако се исклучат децата, сепак е висок, прилично висок процент. Жал ми е што спласна интересот и нема да достигнеме за кратко време 70 или 80 проценти опфат. Така да, во таа смисла имајќи ја дополнително предвид тоа што болниците се навистина растеретени, дел од ковид центрите веќе се затвораат. Во почетокот на следната недела целата интерна клиника ќе се врати во нормална работа. Одделот за неврологија и дерматологија се враќа во нормална работа, сите ковид капациетни тука ќе бидат сместени само на Инфективната клиника. Сметаме дека ситуацијата е мирна“, кажа тој.

Не може да се предвиди дали некоја варијанта на вирусот ќе придонесе да се влоши епидемиолошката ситуација, рече Филипче, но додаде дека затоа акцент е ставен на вакцинацијата.