Спорт ФФМ: Скопје ја доби честа да биде домаќин на Европскиот суперкуп во...

ФФМ: Скопје ја доби честа да биде домаќин на Европскиот суперкуп во 2017 година

Фудбалската федерација на Македонија ја доби довербата од УЕФА за организација на ексклузивниот дуел меѓу победниците на Лигата на шампионите и Лигата на Европа за сезоната 2016/17 година, објави ФФМ.

Одлуката ја донесе извршниот комитет на Европската фудбалска унија на состанок во Прага, а на прес-конференција ја соопшти Џани Инфантино, генерален секретар на УЕФА.

Скопје во август 2017 година ќе биде домаќин на двете најдобри екипи на европска почва.

– Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и, секако, во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и да се афирмира пред светската јавност. Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе во светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност на фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан –  изјави Илчо Ѓорѓиоски, претседател на Фудбалската федерација на Македонија.