Свет Балкан Ферхојген: Унгарија ја врши „валканата работа“ за Германија

Ферхојген: Унгарија ја врши „валканата работа“ за Германија

Унгарија само ја врши „валканата работа“ за Германија, рече поранешниот еврокомесар за проширување, Гинтер Ферхојген, коментирајќи ја политиката на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Човекот само се обидува да го направи тоа што го бараме од него, така што ние не мора да го правиме истото. Унгарците ја вршат нашата валкана работа – рече Ферхојген во емисијата „Дуел“ на телевизијата „Н1 Хрватска“.
Кога станува збор за масовните критики на сметка на унгарскиот премиер поради подигнувањето ограда кон Србија и Хрватска, Ферхојген ја истакна вината на Германија во целиот проблем и ја критикуваше политиката на државата кон бегалците и кон транзитните европски земји.

– Ние Германците сметавме дека само удобно ќе си седиме во средина, опколени со земји од Европската унија и оти никој нема да ни дојде, освен преку аеродромот во Франкфурт – рече германскиот социјалдемократ.

Тој додаде дека Орбан гради ограда затоа што не постои друг начин да се држи проблемот под контрола.

Ферхојген порача дека се надева оти решението за бегалската криза ќе се најде на ниво на Европа, затоа што, како што рече, ситуацијата со „масовниот егзодус ќе се влоши“.

– Тоа што го доживуваме сега е само навестување. Бурата уште не пристигнала – заклучи Ферхојген.