Свет Европа Европратеник суспендиран поради сексизам

Европратеник суспендиран поради сексизам

Европскиот парламент денеска суспендираше полски пратеник на 10 дена откако за време на дебата изјави дека жените треба помалку да заработуваат од мажите затоа што се „послаби, понежни и помалку интелигентни“.

Претседателот на парламентот, Антонио Тајани, рече дека Јануш Корвин Мике е суспендиран од обврските во парламентот на 10 дена, нема да добива дневници 30 дена и ќе му биде забрането да го претставува законодавното тело цела година.

– Нема да толерираме такво однесување. Со навредувањето на жените, тој покажа презир кон фундаменталните вредности – рече Тајани.

Корвин Мике на 1 март, за време на дебатата за платите на мажите и на жените, рече дека жените треба да бидат помалку платени.

– Секако дека треба да бидат помалку платени затоа што се послаби, понежни и помалку интелигентни – рече Корвин Мике, кој ја предводи радикалната десничарска полска партија.