Свет Балкан Евакуирани сите патници од бродот кај Крф

Евакуирани сите патници од бродот кај Крф

Италијанската крајбрежна спасувачка служба преку „Твитер“ објави дека сите патници од „Норман Атлантик“ се евакуирани, а на бродот се останати само девет члена од екипажот за да извршат контрола и да помогнат во неговото извлекување. Со ова се завршува речиси 35-часовната спасувачка одисеја за извлекување на 478 патници од фериботот, на кој вчера изби пожар на отворено море во близина на грчкиот остров Крф.

За мнозина од патниците оваа мачна трагична перипетија и еднодневна борба со суровото време, немирното море и со пожарот имаше среќен крај. Меѓутоа, петмина го изгубија животот во обидот да се спасат и извлечат од „Норман Атлантик“. Италијанската спасувачка служба пладнево најде четири тела на патници во водата околу фериботот, со што бројката на загинати по вчерашното премрзнување на еден маж кој падна од бродот во обид да се префрли на спасувачкиот чамец се зголеми на петмина. Засега не е познато дали има други жртви.

Спасените патници ќе бидат распоредени по различни градови и веднаш ќе им биде укажана медицинска помош. Грчките власти најавија истрага за случајот со „Нортон Атлантик“ за да се утврди причината за пожарот и драмата низ која поминаа 478 патници.