Свет Балкан „Етнос“: Ципрас планира избори на 8 ноември

„Етнос“: Ципрас планира избори на 8 ноември

Политичка трка до 18 август да се постигне договор со европските кредитори, а на 8 ноември да се распишат предвремени избори во Грција. Ова, според грчкиот весник „Етнос“, е амбициозната летна и есенска агенда на премиерот Алексис Ципрас за паралелно да се осигура договор за Грција, да се обезбеди финансиска стабилност за државата и за народот, но и да се расчисти со политичкиот раздор со кој се соочува СИРИЗА како владејачка партија.

Со две листи изгласани приоритетни мерки и уште неколку што ќе одат на гласање во август, како укинувањето на предвременото пензионирање, укинувањето на субвенциите и на даночните бенефиции за земјоделците и реструктуирањето на јавната администрација, Ципрас како приоритет има зацртано до 18 август да ги има завршено преговорите и заокружено договорот за новиот грчки кредит. Според „Етнос“, Ципрас не планира да го загрози договорот или да направи чекори што би ја вратиле Грција чекор назад. По потенцијалното постигнување на договорот до средината на август, за кој се очекува да се „жртвува“ и неделата околу 15 август кога се слави Богородица како еден од клучните празници во Грција, следниот чекор ќе биде гласање на законите во собранието за договорот и за мерките да може да почнат брзо да се имплементираат.

Според информациите, доколку целиот овој план оди непречено и се почне со имплементирањето на мерките за да се осигура финансиска помош за државата, тогаш Ципрас планира во ноември да распише предвремени избори, за да стави крај на внатрешните проблеми и на расцепканоста на повеќе групи во внатрешноста на СИРИЗА, што задава силни удари на владата, ја прави лесна мета на опозицијата и ја ослабнува во секој поглед. Весникот „Катимерини“ пренесува дека Ципрас во моментов не размислува за влада за национален спас, туку планира самиот да ги доврши обврските кон кредиторите, а потоа да дозволи народот да се изјасни околу политичката иднина на државата, иако на идејата за избори остро се противи во овој момент опозицијата.