Македонија ЕСМ: Неофицијално, причина за пожарот во РЕК Битола е висок напон

ЕСМ: Неофицијално, причина за пожарот во РЕК Битола е висок напон

РЕК Битола | Фото: ЕСМ

Стручни лица од РЕК Битола, со поддршка на колеги од МЕПСО и ЕВН Македонија, како и експерти од Техничките факултети во Битола и Скопје, интензивно работат на оспособување на трансформаторот на Блок 3 на РЕК Битола кој беше оштетен во пожарот минатиот петок, соопшти АД ЕСМ.

Првичните, неофицијални наоди говорат дека пожарот го предизвикал висок напон кој дошол до трансформаторот преку електроенергетскиот систем. Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на производство на АД ЕСМ, Благојче Трповски при посетата на РЕК Битола најавија формирање на експертски тим од енергетските компании кој ќе ги дефинира чекорите за спречување на слични појави во иднина.

Според двајцата директори, зголемената динамика на ископ на јаглен во рудниците на РЕК Битола довело до формирање солидни залихи на депонијата од која се снабдува термоелектраната, со што би требало да има стабилно производство на струја.

Во РЕК Битола продолжуваат и завршните активности за заокружување на процесот на т.н. нега на Блок 2 кој в недела треба да биде ставен во функција, известува АД ЕСМ.