Свет Ердоган: Ако биде неопходно, ќе ја отвориме границата со Сирија

Ердоган: Ако биде неопходно, ќе ја отвориме границата со Сирија

Турција е подготвена, доколку тоа биде неопходно, да ја отвори границата и во земјата да ги пушти десетиците илјади сириски бегалци што останаа заглавени на границата откако побегнаа од нападите на режимот на Асад, порача турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

– Сирискиот режим сега блокира дел од Алепо. Турција е под закана. Доколку дојдат до нашите врати и немаат друг избор, доколку тоа биде неопходно, ние мораме да го сториме тоа и ќе ги пуштиме кај нас нашите браќа – изјави Ердоган.

Турскиот премин на границата со Сирија, Енџипинар, остана затворен за илјадниците бегалци кои веќе трет ден чекаат да влезат во Турција.

– Но, границата и понатаму е отворена за итните случаи – изјави неименуван турски претставник, додавајќи дека седум повредени сириски бегалци во петокот биле префрлени во Турција заради лекување, а вчера било донесено уште едно повредено лице.