Дописници „Еразмус плус“ ја има Македонија како рамноправна членка

„Еразмус плус“ ја има Македонија како рамноправна членка

Европска образовна програма„ Еразмус плус“, беше претставена денеска во Штип. Новина е што институциите и бизнис-секторот ќе може да предлагаат свои проекти.

„Еразмус плус“ е најпрестижната европска програма во делот на образованието, проектирана за периодот 2014- 2020 година, наменета за студенти, средношколци, наставници, професори, за образование на возрасни, млади и спорт. Значаен процент, од 40 отсто, отпаѓа на мобилноста, од која студенти, наставници и професори може да се едуцираат во странство или да едуцираат на странски факултети. Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, Дарко Димитров, вели дека новините се однесуваат на бизнис-заедницата и на институциите.

-Бинис-заедницата ќе може да се вклучи преку испраќање свои учесници на стажирање. Исто така, ќе можат да се вклучат и во практичниот дел во наставата во високото образование, како и да ги искористат можностите што ги нудат стратешките партнерства во оваа програма, т.е. да учестуваат во проекти од поголем обем – изјави Димитров.

Интересно е дека досега како најискористен дел од програмата се однесува на средното стручно образование и на обуката. Заинтересираните може да аплицираат во Националната агенција или директно во Европската комисија, вели Димитров, според кој, Македонија е единствената земја во регионот чии граѓани имаат еднаков пристап до програмите, како и граѓаните на ЕУ.

– Со самото тоа што македонската Национална агенција стана полноправна членка во програмата „Еразмус плус“, Република Македонија стекна статус на програмска земја, што укажува дека работите во НА се одвиваат во согласност со европските правила и во согласност со европските норми. Всушност, Македонија е една од првите земји што ја помина оцената на Европската комисија да стане полоноправна членка – вели Димитров.

Повиците се отврени во текот на целата година, во зависност од програмите. Фондот на „Еразмус плус“ е во висина од 14,7 милиони евра.