Ctrl - Z Електраните на јаглен и понатаму нѐ трујат, емисиите на сулфур лани повисоки...

Електраните на јаглен и понатаму нѐ трујат, емисиите на сулфур лани повисоки за 5,7 пати

Загадувањето со прашина од термоелектраните на Западен Балкан лани беше 1,75 пати над дозволеното, само минимално помало од 2022 кога беше 1,8 пати над дозволеното

Фото: ДИЖС

Загадувањето со сулфур диоксид, прашина и азотни оксиди од термоелектраните на јаглен на Западниот Балкан продолжило и во 2023 година, покажува најновиот извештај „Усогласи или затвори“ од објавен од Bankwatch. Во 2023 година, шест години откако правилата за контрола на загадувањето влегоа во сила преку Спогодбата за Енергетската заедница, загадувањето со сулфур диоксид од термоелектричните централи што користат јаглен, во Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија, сѐ уште заеднички беше поголемо за 5,7 пати од дозволеното, што е чекор назад споредено со 2022 кога беше 5,6 пати над дозволеното.

Извештајот покажува дека загадувањето со прашина, пак, лани било 1,75 пати над дозволеното, само минимално помало од 2022 кога беше 1,8 пати над дозволеното. Емисиите на азотни оксиди исто така биле 1,3 пати над дозволеното, а лани Србија за прв пат се приклучи на Косово и Босна и Херцеговина во надминувањето на националниот лимит за азотни оксиди. Северна Македонија остана единствена што сѐ уште не го надминува овој лимит.

„РЕК Битола останува еден од најголемите загадувачи во Европа со сулфур диоксид. Оџаците на блоковите 1 и 2 се дел од оние кои ги надминаа дозволените годишни граници за емисии на SO2 за повеќе од 10 пати каде што уште влегуваат и Угљевиќ и Какањ 7 во Босна и Херцеговина и Костолац А2 во Србија“, велат од еколошката организација Еко свест.

Фото: Bankwatch, Извештај „Усогласи или затвори“

Посочуваат дека Секретаријатот на Енергетската заедница отвори неколку случаи за пркршувањата на обврските од Спогодбата за сите држави што имаат Национални планови, вклучително и Северна Македонија, но ниту една влада нема преземено мерки и нема казнето ниту еден од операторите на термоцентралите. Исто така, ниту една од земјите нема ажурирани и реални планови за усогласување со граничните вредности на загадување или затворање на старите термоцентрали.

„Владите и операторите се одлучни во тоа да го „исцедат“ секој можен киловат електрична енергија од нивните стари термоцентрали, независно од здравствените последици од тоа. Националните планови за енергија и клима мора да дадат јасен патоказ за исфрлање на јагленот од употреба, но, досега потфрлаат во тоа. Во Северна Македонија планираното затворање на термоелектраните се одложува, а не се презема ништо за да се намали загадувањето од нив. Операторите не смеат да се однесуваат вака – централите мора или да се затворат или да се усогласат со правилата за контрола на загадувањето“, вели Давор Пехчевски, координатор за енергија на Балканот во Bankwatch.

Фото: Bankwatch, Извештај „Усогласи или затвори“

Според Жарко Конески, програмски координатор за енергија во Еко-свест, наодите од извештајот се исклучително загрижувачки, особено делот дека емисиите од електраните воопшто не се мерат, туку само паушално се пресметуваат.

„Електраните се  обврзани да обезбедат континуирано мерење на загадувањето што го предизвикуваат, но ниту таа обврска не е исполнета. Очигледно е дека и понатаму се планира отворање на нови јагленокопи со што инвестициите се насочуваат таму наместо кон намалување на загадувањето и кон енергетска трансформација. Потребно е да се забрза веќе планираното постепено и етапно заменување на застарената опрема со иновативни технолошки решенија во преминот кон обновливи извори на енергија“, смета Конески.