Свет Европа Екстремно десничарската АФД победи на локалните избори во германски Зонеберг

Екстремно десничарската АФД победи на локалните избори во германски Зонеберг

Доминантните партии – од социјалдемократите до демохристијаните, како и бројни граѓански организации, го нарекоа резултатот „пресвртница“ на која бранителите на демократијата ќе бидат принудени да најдат начин и да одговорат

Ziko van Dijk, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) за првпат победи на избори за окружен совет во Германија. Источниот град Зонеберг, во покраината Тирингија, го избра Роберт Сеселман на функцијата окружен администратор, што е еквивалент на градоначалник, јавува „Гардијан“.

Сеселман победил освојувајќи 52,8 отсто од гласовите, соборувајќи го Јирген Кепер од демохристијаните (ЦДУ) со 47,2 отсто.

Тирингискиот огранок на антиимигрантската АФД, германските разузнавачки служби го класифицирале како „десничарски екстремисти“.

Набљудувачите на изборите велат дека победата за која раководството на АФД рече дека ќе ѝ го даде на партијата неопходниот поттик во напорите да го прошири своето влијание низ Германија, би можела да биде знак за претстојните избори, особено на истокот од земјата. Парламентарни избори следната година ќе се одржат во Саксонија, Тирингија и Бранденбург.

Доминантните партии – од социјалдемократите до демохристијаните, како и бројни граѓански организации го нарекоа резултатот „пресвртница“ на која бранителите на демократијата ќе бидат принудени да најдат начин и да одговорат.

Градот Зонеберг брои околу 57.000 жители и е еден од најмалите административни региони во Германија, додека изборите забележале ниска излезност од само 58 отсто.

Како што пишува „Гардијан“, последните анкети покажале дека АФД има поддршка од 20 отсто, двојно повеќе од поддршката од пред една година и слично како и социјалдемократите. Зелените имаат поддршка од 13 отсто, а опозициската ЦДУ 26 отсто.