Дописници Екстерното тестирање помина со технички проблеми, Министерството планира измени

Екстерното тестирање помина со технички проблеми, Министерството планира измени

Според Министерството за образование и наука, екстерното тестирање за матурантите поминало без проблеми со исклучок на првиот ден, кога во одредени градови и училишта се појавиле технички проблеми со пад на системот.

Ова денеска во Штип го истакна ресорниот заменик-министер, Спиро Ристовски, кој кажа дека во наредните десет дена ќе бидат соопштени резултатите.

– Измени за екстерното тестирање ќе има, ние тоа и го најавивме. Но, со оглед на динамиката, ќе мора да ги подготвуваме тие измени за периодот што следува, за да го зголемиме квалитетот на самиот процес. Јавно кажавме и апелираме секој што има добра идеја да ја даде, за уште поголемо подобрување на овој систем. И повторно би кажал дека ваков или сличен систем функционира во повеќе земји – изјави Ристовски.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога Штип ќе добие современ студентски дом, Ристовски ја повтори веста дека на местото на Студентскиот дом „Невена Ѓорѓиева-Дуња“ во Скопје, кој ќе се урива ќе се гради нов, додека штипскиот е во прироритетите на Владата.

–  Не можам да гарантирам дека во 2016 година ќе почне со градба, но соодветно на потребите на универзитетот и во комуникација со управата, во следниот период ќе направиме проекција за потребните студентски места за градот Штип – изјави Ристовски.