Дописници „Еко-герила“ бара засилена контрола врз производствените капацитети во Тетово

„Еко-герила“ бара засилена контрола врз производствените капацитети во Тетово

Здружението „Еко-герила“ преку писмено соопштение упати јавен повик до инспекторатот за екологија на Општина Тетово, да извршува почести проверки на разни производствени капацитети лоцирани на територијата на општина Тетово, во согласност со законските обврски.

– Треба почесто да се контролира дали производствените капацитети ги исполнуваат еколошките критериуми за интегрирани Б-дозволи. Жителите на населбите, каде што се наоѓаат овие производствени капацитети, се жалат дека чувствуваат тешки и непријатни миризби, особено во вечерните часови. Фактот што „Југохром“ не загадува веќе три месеци, не значи дека треба да се толерираат помалите загадувачи. Нула толеранција за сите загадувачи – сите треба да се еднакви пред законот и сите мора да го почитуваат здравјето на граѓаните – се вели во писменото соопштение на „Еко-герила“.

Во него се додава дека од Општина Тетово се бара транспарентност во изрекувањето казни за правните лица што го кршат законот, односно ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните.

– Од инспекторатот за екологија при Општина Тетово велат дека вршат контроли на индустриските капацитети. Но, досега не е казнето ниту едно правно лице во Тетово, кое ја загадува околината – се додава во соопштението.