Македонија Едно лице уапсено за убиство на 67-годишна радовишанка

Едно лице уапсено за убиство на 67-годишна радовишанка

Едно лице е уапсено и осомничено дека од користољубие убило 67-годишна жена од Радовиш, чие безживотно тело вчера било пронајдено во нејзиниот дом во градот, соопшти Јавното обвинителство.

„Се работи за 26-годишен жител на Радовиш. Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица, ценејќи дека се исполнети условите, ќе предложи мерка притвор“, велат од Обвинителството.

Лицето, како што информираат оттаму, е осомничено за убиство од користољубие.

Претходно од Обвинителството соопштија дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, заедно со увидна екипа на полициската страница од Радовиш, извршил увид на местото.

„Поради постоење основан сомнеж за причините на смртта, јавниот обвинител издаде наредба за вршење обдукција на телото на покојната, како и наредби за откривање и за утврдување докази за сторено насилство врз телото на покојната. Истовремено, при увидот се дадени наредби на овластените полициски службеници за обезбедување и за подигнување материјални траги од биолошко потекло, фотографирање на местото и преземање дејства заради откривање на сторителот на кривичното дело“, стои во соопштението на Обвинителството.

Телото на жената било пронајдено вчера во вечерните часови во нејзиниот дом во Радовиш, од страна на нејзин роднина.