Македонија Еден километар пат до Попова Шапка остана неасфалтиран – никој не ја...

Еден километар пат до Попова Шапка остана неасфалтиран – никој не ја презема одговорноста

Последниот километар од патот Тетово-Попова Шапка остана неасфалтиран и најверојатно нема да биде асфалтиран во скоро време бидејќи никој не признава дека е сопственик на тој дел. Од општина Тетово велат дека овој пат не е во нејзина надлежност, а истото го тврдат и од Агенција за државни патишта. Ако се пребара во интернет-страницата на катастарот, таму нема податоци за тоа кому му припаѓа тој дел од патот, пишува „Порталб.мк“.

Реконструкцијата на патот Тетово – Попова Шапка започна во мај годинава и треба да заврши во септември. Патот досега е асфалтиран до еден километар од влезот во ски-центарот. Граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ бара, додека механизацијата е на терен, да се продолжи за уште еден километар и тој дел да не остане неизграден до крај. Но, по сé изгледа, овој дел од патот нема сопственици и поради тоа ќе остане неасфалтиран уште долго време.

Релевантните институции ја префрлуваат вината меѓусебно без да понудат решение за проблемот.

Од општина Тетово велат дека овој пат не е во нивна надлежност и затоа не им следува да го асфалтираат.

“Тој пат е во надлежност на Агенцијата за патишта која е под Министерството за транспорт и врски. Патот треба да го асфалтираат тие што го буџетраат“, велат од општина Тетово.

Од друга страна, и од Агенција за државни патишта исто така велат дека овој пат не им припаѓа.

„Овој пат не е во надлежност на Агенцијата за државни патишта. Да беше под наша надлежност, зошто би го оставиле неасфалтиран за 1 километар“, велат од Агенцијата за државни патишта.

Ниту во онлајн платформата на катастарот нема податоци за тоа точно кому му припаѓа овој пат. Затоа овој дел останал без сопственици.