Економија ДЗС: Просечната плата во март била 26.422 денари, за 7,4 отсто повеќе...

ДЗС: Просечната плата во март била 26.422 денари, за 7,4 отсто повеќе од истиот месец лани

Просечната нето плата исплатена по вработен во март годинава изнесува 26.422 денари или 430 евра и таа е за 7,4 отсто повисока од онаа во истиот месец минатата година. Или, според денешните податоци на Државниот завод за статистика, ДЗС, индексот на просечно исплатена нето-плата по вработен во март 2020 година, во однос на март 2019 година, изнесува 107,4.

Зголемувањето е резултат најмногу на порастот на просечната плата во секторите: образование, за 12,2 отсто, трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, каде растот е 11,2 отсто и кај преработувачка индустрија каде просечната плата се зголемила за 9,8 отсто во споредба со март, 2019 година.

Државниот завод за статистиката, ДЗС, евидентира голем месечен пад на исплатените просечни плати во март годинава во одредени сектори, во однос на претходниот месец, февруари. Најмногу се намалиле платите во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна, за 15,6 отсто, уметност, забава и рекреација, за 15,4 отсто и стручни, научни и технички дејности, каде намалувањето на платата за еден месец изнесува 9,9 отсто.