Економија ДЗС: Извозот во јануари изнесувал 641,5 милиони долари и е за 26,5...

ДЗС: Извозот во јануари изнесувал 641,5 милиони долари и е за 26,5 отсто зголемен во однос на истиот месец лани

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во јануари 2021 година изнесува 641,5 милиони долари, што е зголемување за 26,5 отсто во однос на истиот месец од претходната година. Вредноста на увeзената стока во јануари годинава изнесува 757,1 милион долари, што е за 15,4 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит е пресметан на 115,6 милиони долари, а покриеноста на увозот со извоз изнесува 84,7 отсто, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според податоците за стоковната размена со странство, трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и делови на седишта. Во увозот, пак, најзастапени се другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени.

Во јануари оваа година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, државата најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.