Ctrl - Z Дводневен саем за пракса и вработување на Машински факултет

Дводневен саем за пракса и вработување на Машински факултет

Студентите можат да се запознаат со можностите за пракса и вработување во 20 технолошки водечки компании од земјава

Студентите од техничкиот кампус при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, денеска на Машинскиот факултет го посетија саемот за пракса и вработување, кој ќе трае и утре. Целта е студентите од Машинскиот факултет, од Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ, студентите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, како и студентите од Технолошко-металуршкиот факултет – ТМФ, да се запознаат со можностите за пракса и вработување во 20 технолошки водечки компании од земјава.

На дводневниот саем компаниите од македонската индустрија ги претставуваат своите понуди за пракса, а може да се разгледаат и опции за соработка со наставниот кадар за развивање проектни задачи и дипломски работи.

Деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Златко Петрески, нагласи дека барем еднаш годишно организираат средба на студентите со индустријата.

„Ова е еден од начините на кој сакаме да го заокружиме системот на образование кој го нудиме на студентите, и покрај праксата да им понудиме и можности за вработување. Ние го одбравме овој начин за студентите да се сретнат со претставници на најголемите компании, но и можност за индустријата пред студентите да ги промовира своите програми на работните места и на што работат. Ова е една од позначајните можности кога нашите студенти и дипломци може да се запознаат конкретно со компаниите“, рече Петрески.

Студентката во трета година, Благица Милкова, која студира на студиската програма по индустриско инженерство и менаџмент, оценува дека овој саем е можност за студентите да се претстават пред индустријата.

„Комуницираме со различни фирми од областа на индустријата и технологијата. Како студенти не секогаш имаме можност да дојдеме во контакт со фирми кои имаат најпрестижна технологија. Исто така имаме можности да бираме која фирма да ја избереме, од било кој град, за пракса, бидејќи ние студентите во првите години целиме да одиме на пракса во престижни фирми. Праксата е една отскочна даска, која понатаму можеме да ја напишеме во нашата биографија и да покажеме дека сме биле во некоја фирма“, изјави Милкова.