Свет Двегодишно дете ја убило мајка си во продавница на „Волмарт“ во САД

Двегодишно дете ја убило мајка си во продавница на „Волмарт“ во САД

Двегодишно дете ја застрелало и ја убило својата 29-годишна мајка со пиштол што го нашло во нејзината чанта, додека пазарале во продавница на „Волмарт“ во малото гратче Хејден, соопштила полицијата на сојузната американска држава Ајдахо, пренесуваат светските медиуми.

Од канцеларијата на шерифот на областа Кутенаи, изјавиле дека мајката, Вероника Рутлиџ, пазарувала со нејзиниот син и со уште три други деца, кога момчето, кое седело во кошничката за пазарење, го нашло пиштол и ја застрелало својата мајка.

Портпаролот на локалната полиција изјавил дека жената, која е од градот Блекфут во Југоисточен Ајдахо, имала дозвола за носење оружје. Таа била во посета на роднини во Хејден.

Од канцеларијата на шерифот рекле дека двегодишното дете посегнало во чантата на мајка си и го зело пиштолот со мал калибар, кој истрелал еднаш. „Станува збор за многу трагичен инцидент“, додале од полицијата.

Стрелањето се случило во близина на одделот за електронска опрема во продавницата. Полицијата ги прегледала снимките од камерите во продавницата за да утврди дека станува збор за несреќен случај.

Во ноември, оваа година, жена во Оклахома беше фатално застрелана од нејзниот тригодишен син со полуавтоматски пиштол. Тогаш полицијата изјави дека детето го зело пиштолот додека неговата мајка ги менувала пелените на другото дете.