Македонија Дупките од Качанички пат ќе се пополнуваат со владини пари од 3...

Дупките од Качанички пат ќе се пополнуваат со владини пари од 3 милиони евра

Во моментов, Качаничкиот пат долж целата траса, а особено потегот меѓу Момин Поток и булеварот Словенија е преполн со дупки и оштетен асфалт

Дупка до дупка е постојниот коловоз на Качаничкиот пат; Фото: Архива на Мета.мк

Владата веќе доделила наменски средства во висина од 3 милиони евра за изградба на булеварот „Хасан Приштина“, односно за надградба на постојниот Качанички пат кој од Момин Поток води до скопската обиколница. Средствата се доделени на Градот Скопје, а вкупната вредност на проектот за изградба на булеварот „Хасан Приштина“ изнесува шест милиони евра.

„Во разговор и соработка со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која е надлежна за реализиција на проектот, ги започнавме последните административни подготовки во Владата и Министерството за транспорт за да започне и заврши оваа важна сообраќајна артерија за градот“, објави првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби.

Изградбата на самиот булевар „Хасан Приштина“ започна во август 2021 година, со стартот на градежните работи за новата клучка кај Момин Поток, која што ќе треба да понуди современо сообраќајно решение за вкрстување на булеварот „8.Септември“ со улицата „Скупи“ и на Качаничкиот пат со булеварот „Никола Карев“.

Новиот булевар „Хасан Приштина“ како надоградба на постојниот Качанички пат треба да започне од постојната клучка во градба, а трасата треба да заврши до скопската обиколница. Бидејќи се наоѓа на територијата на Град Скопје, обврската за изведба на булеварското решение е на градските власти.

Инаку, булеварот „Хасан Приштина“ треба да се надоврзе на автопатот Скопје-Блаце, чија прва фаза во должина од 2 километра се гради веќе трета година по ред. Целиот автопат долг 12 километри треба да почне од скопската обиколница и трасата да води до граничниот премин „Блаце“. Со новиот булевар и автопат ќе се намали времето на патување меѓу Скопје и Приштина.

Во моментов, Качаничкиот пат долж целата траса, а особено потегот меѓу Момин Поток и булеварот Словенија, е преполн со дупки и асфалтот е оштетен, патот не е осветлен во ноќните часови и претставува огромна опасност за возачите. Јавното претпријатие за државни патишта, кое е надлежно за Качаничкиот пат на потегот од скопската обиколница до преминот Блаце, веќе започна со реконструкција на коловозот, но Градот Скопје нема почнато ниту реконструкција на трасата од обиколницата до Момин Поток.