Македонија ДУИ најави основање на институт за надзор на употребата на албанскиот јазик

ДУИ најави основање на институт за надзор на употребата на албанскиот јазик

Носителот на кандидатската листа на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во iзборната единица 6, Џеват Адеми, денеска најави основање на институт за надзор на службената употреба на албанскиот јазик.

Институтот ќе функционира во форма на инспекторат, кој ќе се грижи за заштита и за соодветна употреба на албанскиот јазик и ќе придонесе за јазична рамноправност, што е, како што посочи Адеми, вториот столб на платформата на ДУИ за овие избори. Најавениот институт, додаде Адеми, ќе врши надзор и ќе го санкционира секое застранување од нормите на литературниот албански јазик.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, заедно со неколкумина високи функционери на партијата денеска оствари средби со жителите на скопската населба Методија Андонов-Ченто и на Арачиново. Ахмети пред нив истакна дека не го загрижува тоа што СДСМ ги бара гласовите на Албанците, туку создавањето на многу мали албански партии, кои немаат јасна политичка агенда и се создадени од сомнителни кругови.

„Тие нема да успеат да добијат толку гласови како што претендираат, туку само ќе го намалат бројот на пратеници. Овие политички партии немаат можност да ги направат чудата што ги ветуваат затоа што им недостига капацитет“, рече Ахмети.

Тој потенцираше дека македонските политички партии грешат што ги бараат гласовите на Албанците затоа што во Македонија не е создаден амбиент за промоција на концептот за граѓанска партија, а причината за тоа, според него, е тоа што Албанците сè уште не се на рамноправно ниво со Македонците.