Македонија ДС: ВМРО-ДПМНЕ врши државен удар во Собранието

ДС: ВМРО-ДПМНЕ врши државен удар во Собранието

Пучистите мирно да се повлечат и да овозможат мирен и демократски трансфер на власта, порача денеска Демократскиот сојуз и додаде дека само одговорноста и разумот се гаранција дека Македонија ќе опстои како суверена, самостојна и унитарна држава и ќе почне да се стабилизира.

Демократскиот сојуз смета дека во Македонија е извршен државен удар, кој и понатаму трае и сè друго е театар на апсурдот, вклучително и репликите во парламентот.

„Доколку партијата што нема мнозинство и понатаму владее и спречува мнозинството од 67 пратеници да избере влада на Република Македонија, повеќе од јасно е дека се работи за класичен државен удар кој ги има сите полуги да ја држи Македонија во заложништво со тежок и неизвесен расплет. Најавите за тоа дека Македонија ќе ја брани народот, дека за таа цел веќе се формирани параполициски сили, тројки и слично, се пропаганден арсенал кој треба да ги плаши граѓаните и парламентарното мнозинство. Мнозинството и понатаму бара мирен, демократски и уставен излез од кризата, но грабежот и диктатурата продолжуваат. Во вакви услови, кога државниот удар го одржуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, мора мнозинството да одговори соодветно и седницата на парламентот да продолжи сè додека не се избере претседател на Собранието и Влада на Република Македонија“, стои во соопштението на ДС.

Од партијата сметаат дека работата на парламентот не смее и не може насила да биде блокирана.

„Парламентот мора да се заштити и тука одговорноста е и на силите за безбедност, но и на граѓаните кои во корен треба да ги сосечат идеите за насилство“, се наведува во соопштението.