Македонија ДС: Нема услови за локални избори – да се одржат следната година

ДС: Нема услови за локални избори – да се одржат следната година

Демократскиот сојуз повика локалните избори да се одржат следната година бидејќи, како што оценуваат од партијата, нема услови тие да се одржат во октомври.

„Изборот на владата беше блокиран од ВМРО-ДПМНЕ преку бесцелните дискусии во Собранието и спречување на неговото конституирање, како и од недавањето мандат за составување влада на партиите што имаа мнозинство во парламентот. Поради потребата од сериозни реформи во изборната регулатива, како и отстранување на слабостите во изборните процеси, неопходно е одржувањето на локалните избори да се одложи најмногу за 12 месеци“, стои во соопштението од ДС.

Од партијата наведуваат дека Уставот повеќепати бил подреден на политички договор и оти тоа повторно се прави со веќе договореното обновување на мандатот на советниците и на градоначалниците за интересите на граѓаните.

„Демократскиот сојуз не ја оспорува потребата локалната самоуправа да функционира, но во вакви околности градоначалниците треба да имаат ограничени овластувања и одговорност пред Владата, бидејќи мандатот ќе го добијат од парламентарното мнозинство, а не од граѓаните. Локалните избори треба да се одржат штом за тоа ќе се создадат услови, но не во рок подолг од една година“, велат од партијата.