Македонија ДС го повика Иванов да го даде мандатот на Заев за состав...

ДС го повика Иванов да го даде мандатот на Заев за состав на влада

Демократскиот сојуз го повика претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска да му го додели мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој доби поддршка од 67 пратеници во Собранието.

Од партијата велат дека состојбите во државата можат „драматично да се усложнат доколку парламентот и понатаму е без претседател, владата е техничка и со четири пратеници во неа, а лидерот на владејачката партија (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) повикува и организира протести за да се блокира формирањето влада“.

Демократскиот сојуз, се нагласува во соопштението, цврсто стои зад унитарноста на државата, парламентарната демократија, владеење на правото и уставното име Република Македонија.

„Демократскиот сојуз е за промени и за правда, но и длабоки реформи, во согласност со определбите на повеќе од 612.000 граѓани и во рамките на Уставот на Република Македонија“, велат од ДС и додаваат дека со функционирањето на Собранието ќе се создадат услови за дебата за програмата на новата влада, персоналниот состав, како и за темите што ја брануваат јавноста без да се знае суштината на можните коалициони договори.