Претседателот Стево Пендаровски и Делегација на Владата на Република Северна Македонија предводена од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, придружуван од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски денеска положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ по повод 150-годишнината од неговото раѓање.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот, делегација од Кабинетот на претседателот положи цвеќе и на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје како и на споменикот на Гоце Делчев на Плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Претседателот Стево Пендаровски во 12 часот во НУ Музеј на македонската борба ќе ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-2022)“ која ја организира Државниот архив на Република Северна Македонија, а е под покровителство на претседателот.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски испрати и порака со оддавање почит и слава кон делото на инспираторот и водачот на македонската револуционерна организација.
„Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици пред кои беше исправено прашањето за создавање на самостојна држава“, порача Ковачевски.
„Гоце Делчев највисоко го издигна неговиот интернационален и космополитски поглед со мислата „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите“. Оваа негова порака до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти. Идеалите и заложбите на Делчев се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја“, нагласи премиерот.