Македонија Државна делегација во посета на амбасадата во Брисел каде што се врши...

Државна делегација во посета на амбасадата во Брисел каде што се врши фотографирање за пасоши

Ќе има организирање на конзуларни денови и други видови олеснувања за граѓаните во странство, за кои нашите претставништва беа инструирани и наскоро следи објава на планот, информираше денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи

Фото: МНР

Ќе има организирање на конзуларни денови и други видови олеснувања за граѓаните во странство, за кои нашите претставништва беа инструирани и наскоро следи објава на планот, информираше денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој заедно со премиерот Талат Џафери и вицепремиерот Бојан Маричиќ, за време на престојот во Брисел, ја посетиле македонската амбасада каде што се врши сликање и земање на биометриски податоци за издавање на патни исправи.

„Амбасадата во Брисел и сите други дипломатско-конзуларни претставништва на Северна Македонија целосно ја реорганизираа својата работа во делот на конзуларната проблематика со цел излегување во пресрет на интересите и потребите на нашите граѓани кои живеат и работат во странство. Ова е период кога сите ние сме дополнително посветени за соочување со овој предизвик наметнат од енормното зголемување на барањата за конзуларни услуги особено во делот на патните исправи”, истакна Османи.

Џафери, Маричиќ и Османи, како што стои во соопштението, разговарале со наши државјани кои се наоѓале во просториите на Амбасадата и ги увериле дека се прават максимални напори истите да не се соочуваат со никаков проблем во државата каде што живеат, поради обврската за обновување на личните документи која произлегува од Договорот од Преспа.

Министерот Османи ги брифирал нашите државјани дека времетраењето на изработката на пасоши кое е многу подолго од вообичаените рокови кои постоеја до неодамна е главната причина зошто периодот за врачување на изготвените пасоши во нашите претставништва е значително подолг од досегашната пракса која имаше просек од 30 дена.

Министерството за надворешни работи располага со ограничен број на базни и мобилни станици. Една од мобилните станици е токму во Амбасадата во Брисел која во координација и соработка со Амбасадите во Хаг и Париз врши услуги за сликање и земање на биометриски податоци и за нашите државјани во Холандија и Франција.

Според МНР, во текот на 2023-та година, Амбасадата во Брисел има обработено вкупно 2.488 предмети, од кои 1.127 издадени патни исправи и 523 патни листови; во Париз се обработени 1.083 предмети, меѓу кои 390 патни исправи и 242 патни листови; додека во Хаг вкупно 1.076, со 340 патни исправи и 72 патни листови.