Македонија Дрвокрадци фатени на дело на планината Беласица

Дрвокрадци фатени на дело на планината Беласица

Фото: Министерство за внатрешни работи

Полицијата пронајде бесправно исечени огревни дрва на неколку различни локации на планината Беласица. Вчера службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица презеле засилени мерки за откривање и санкционирање на лица кои вршат бесправна сеча и превоз на огревни дрва, при што ги запреле Ф.М. (29) од село Банско и Ј.Д. (22) од село Свидовица, струмичко.

Ф.М. возел товарно возило „застава“ и моторното возило „лада“, со струмички регистарски ознаки. Tие превезувале бесправно исечени огревни дрва.

Во рамки на преземените мерки и активности, на друга локација на планината Беласица, дополнително биле пронајдени 4 м3 бесправно исечени огревни дрва. Дрвата и возилата се одземени и предадени на Шумската полиција Струмица. За случајот е известен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Струмица, а по негово целосно документирање против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Инаку, Мета.мк веќе пишуваше дека дрвокрадци лани украле 26.000 кубни метри шума. Притоа, откриени биле крадците на само 2.000 кубни метри, кои им биле одземени дрвата. Истражувањата покажуваат дека македонските шуми се во опасност не само заради шумските пожари и бесправната сеча и злоупотреба на дрвото како огрев, но и заради недоволниот број на шумари, инспектори и шумска полиција кои треба да се грижат за нивната безбедност.