Македонските шуми се во постојан ризик, не само заради шумските пожари и бесправната сеча и злоупотреба на дрвото како огрев, но и заради недоволниот број на шумари, инспектори и шумска полиција кои треба да се грижат за нивната безбедност. Според податоците од јавното претпријатие „Македонски шуми“, објавени на денешната панел дискусија „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите?“, во организација на Институтот за комуникациски студии и Асоцијацијата за демократски иницијативи, минатата година нелегално се исечени околу 26.000 кубни метри шума, а откриени се крадците на само 2.000 кубни метри, кои им биле одземени.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бесправната сеча на шумите драстично расте од 2011 година и пик достигнува во 2019 година, кога се исечени 45.795 м3 дрва, што е за седум пати повеќе од 10 години пред тоа и двојно повеќе од претходната, 2018 година. Во земјава разлики во бројките кои доѓаат од различни институции се гледа и во поглед на површините под шуми, кои се движат од 983.000 хектари, според „Македонски шуми“, до 1,2 милиони хектари. Проблемот е во фактот што немаме попис и релевантни податоци за шумите.
Според Маре Басова од „Македонски шуми“, во земјава околу 30 отсто од површината е под шуми, најголемиот дел, 540.000 хектари, се нискостеблести, 266.000 хектари се високостеблести, а дрвната резерва е 78 милиони кубни метри.
„Шумите не се само дрвна маса со економски бенефит, туку ресурс што мора да се заштити. Тие се природно и национално богатство, а ‘Македонски шуми’ во годините наназад го чувствува притисокот врз нив од заканата од природните катастрофи, кои се последица на климатските промени, но и заради влијанието на човековиот фактор и бесправната сеча. Во моментов претпријатието има 227 шумочувари, кои треба да работат во 347 реони и да чуваат речиси милион хектари шума. Бројата е премала и чувањето на шумите е предизвик од аспектот на човечкиот фактор. Заради тоа заштитата на шумите мора да се подигне на повисоко ниво и тие да се зачуваат за идни генерации“, посочува Басова.
Трајче Ангелов, раководител на оделението за шумарски надзор во Државниот инспекторат за шумарство и ловство, вели дека во институцијата се вработени само 14 шумарски инспектори, кои треба да контролираат еден милион хектари шуми во земјата.
„Со овој број на инспектори не може да се одговори на сите предизвици за заштита на шумите. До 2019 година не бевме опремени ниту со основната електронска опрема, имаме шест-седум исправни теренски возила, а за надзор некогаш се патува и по 120 километри во планина“, вели Ангелов.
Тој нагласи дека и покрај тоа што работата им е многу отежната од објективни фактори, и покрај тоа инспекторите се постојано на терен и максимално се ангажирани. Доколку добијат посовремени технолошки алатаки, ефектите од нивната работа ќе бидат уште позабележителни. На инспекцијата, нагласи Ангелов, и треба и подмладување, со оглед на тоа дека просечната старост на инспекторите е 54 години, додека младите колеги чекаат во бироата за вработување.
Шумската полиција има 35 станици и ингеренциите ги дели со неколку институции. Тоа, според Горан Трајков, командир на Шумската полиција во Штип ги комплицира овластувањата, па тие институции не успеваат да одговорат на задачата. Дел од решението е во измените на законите и нивно промовирање во агенција.
„Ние си играме полиција. Немаме основни средства, опрема, униформи, чевли, возила, гориво, работиме без интернет. Ни требаат нови вработувања со соодветни и стручни кадри, ни треба опрема со нова модерна технологија. На пример, дронови многу ќе ни помогнат во мониторинг на големи површини за кратко време, ќе можеме да ги фотографираме дрвокрадците, што прифатено и како доказ на суд“, вели Трајков.
Според Владимир Стојановски од Факултетот за шумарски науки, шумите се драгоцен ресурс секаде во светот заради што мора правилно да се управуваат. Иако земјава е на дното во Европа според вложувања во научни истражувања, сепак, како што посочи Стојановски на факултетот се работи со ентузијазам и се прават проекти и трудови. Студентите кои се образуваат во институцијата знаат да препознаваат дрвни видови, да произведуваат садници и да одгледуваат и стопанисуваат на одржлив начин. Стојановски нагласи дека во иднина треба да се работи и да се развива соработката со „Македонски шуми“ и со Министерствата за земјоделство и животна средина, на проекти, студии и на дебати и сериозно да се разговара за шумите како места за еко туризам и како носители на биодиверзитетот.