Главна секција Доцна синоќа заврши ЦК на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид: Смени во Извршниот комитет...

Доцна синоќа заврши ЦК на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид: Смени во Извршниот комитет на партијата

Синоќа, во елитниот хотел „Инекс-Горица“, во резиденцијалниот кварт каде се и викендичките на државните раководители, повеќечасовна седница оддржа ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

Беше најавено дека највисокиот партиски орган на владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе ја анализира актуелната состојба во државата, во тој контекст и прашањето за предвремените парламентарни избори, кои треба да се одржат најдоцна до април идната година.

Исто така, најавено беше да бидат донесени и конкретни заклучоци и насоки како партијата ќе дејствува во идниот период во однос на актуелните прашања, како и на договорот од 2 јуни.

Пред почетокот на заседанието на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за медиумите, директорот на Центарот за комуникации на партијата, Илија Димоски, вниманието го насочи кон СДСМ, обвинувајќи го дека повторно прави промена на ставовите и дека неговите челници се обидуваат да најдат начини како да издејствуваат поништување на договорот потпишан на 2 јуни.

Димоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори – како што било договорено во Пржино во Скопје, но дека СДСМ прави сè до избори да не дојде, обвинувајќи ја опозицијата дека е генератор на кризата.

„Мета“, сепак, од извори од партијата, дознава дека не се разговарало само за конкурентската партија, која се доживува како противничка, туку и за внатрешни слабости, од кои произлегле и конкретни заклучоци. На пример, од Извршниот комитет на партијата, сменет е актуелниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески. Нему, како и на двајцата пратеници од Охрид, им се става на душа недоволна ангажираност во спроведувањето на партиските активности на теренот. Конкретно, забележано им е за дебаклот околу посетеноста на контрамитингот на ВМРО-ДПМНЕ и на говорот на Никола Груевски во Охрид.

Како што дознаваме, премиерот и партиски лидер не бил презадоволен и од присуството на граѓаните на неговите вчерашни активности во Охрид.

„Мета“ дознава дека од членството на ИК на ВМРО-ДПМНЕ бил сменет и Благоја Деспотоски, поранешен градоначаник на општина Кичево.