Дописници „Доста молчевме“, порачаа демонстрантите на протестот во Гостивар против аболицијата

„Доста молчевме“, порачаа демонстрантите на протестот во Гостивар против аболицијата

Под мотото „Доста молчевме“, во Гостивар се одржа мирен протестен марш против одлуката на претседателот Иванов за аболиција на функционери. Протестот го организираше неформална група граѓани од повеќе националности, а на него граѓаните ја искажаа и својата поддршка за Специјалното јавно обвинителство.

Маршот почна пред зградата на Основниот суд, каде што беа запалени свеќи како симболично погребување на независното судство во Македонија. Протестот продолжи преку булеварот Браќа Ѓиноски и се заокружи на градскиот плоштад, каде на македонски, албански и на турски беа прочитани пораките.

– Сакаме да го кренеме гласот на разумот против диктатурата која ја зароби слободата на говорот, сакаме да го кренеме нашиот глас против длабокиот криминал, кој ја зафати секоја пора од животот. Еднаквоста пред законот да биде за сите иста, бараме да нема селективна правда и никој да не биде над законот, сакаме да кажеме стоп за монтираните судски процеси – изјави Сунчица Ѓурчиноска од иницијативениот одбор „Доста молчевме“

Протестот во Гостивар помина мирно, без никакви инциденти и провокации.

Протестот го поддржаа повеќе граѓански организации и неколку опозициски политички партии.