Македонија Увид во избирачкиот список направиле 148.538 граѓани

Увид во избирачкиот список направиле 148.538 граѓани

Потребниот број потписи за поднесување независна кандидатура собрале 27 листи на кандидати за градоначалник и 47 листи на кандидати за членови на совети, информираа денеска од Државната изборна комисија.

– Потписи за листи на кандидати за градоначалници се собрани за 22 општини, а потписи за листи на кандидати за советници се собрани во 27 општини. Рокот за поднесување кандидатури истекува на 14 септември на полноќ. Листите се поднесуваат до надлежната општинска изборна комисија – изјави Љупка Гугучевска, портпаролка на ДИК, додавајќи дека досега никој официјално нема поднесено кандидатура.

Од ДИК потсетуваат дека јавниот увид во избирачкиот список трае до 9 септември.

– Вкупно 18.804 граѓани извршиле увид во подрачните единици на ДИК. Комисијата донесе 14 решенија за запишување во списокот, седум за бришење од избирачкиот список и 19 за промена на податоците. На веб-апликацијата на ДИК вкупно увид извршиле 148.538 граѓани – додаде Гугучевска.