Македонија Досега поднесени 15 приговори до ДИК во однос на првиот круг од...

Досега поднесени 15 приговори до ДИК во однос на првиот круг од локалните избори

Фото: Мета.мк, 17 октомври 2021

Државната изборна комисија (ДИК) до овој момент добила вкупно 15 приговори во однос на првиот круг од локалните избори. Два приговора од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ се поднесени за прекршување на изборниот молк, додека останатите 13 приговори се однесуваат на постапката за гласање и за постапката за сумирање и утврдување на резултатите до Државната изборна комисија.

Владејачката коалиција предводена од СДСМ поднела два приговора за гласањето на две избирачки места во општина Јегуновце, како и по еден приговор за гласањето во општина Ѓорче Петров, општина Македонска Каменица. Алијанса за Албанците поднела по еден приговор за избирачко место за гласањето во Дебар и Шуто Оризари.

ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција поднеле по еден приговор за гласањето во општините Центар, Долнени и Сарај.

Дури четири приговори поднела коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива за гласањето на четири избирачки места во општина Гостивар, и тоа по два за конкретни избирачки места и два приговора што се однесуваат на сумирање на резултатите за избор на градоначалник и совет на општина Гостивар.

Државната изборна комисија дополнително ќе закаже седница за разгледување и одлучување по приговорите, по што ќе се знае какви ќе бидат последиците по изборните резултати во овие општини.