Македонија Донесен законот за формирање на универзитетот „Дамјан Груев“

Донесен законот за формирање на универзитетот „Дамјан Груев“

На денешната пленарна седница, пратениците во Собранието без присуство на опозицијата дадоа зелено светло за формирање на новиот универзитет „Дамјан Груев“.

„За“ гласаа 67 пратеника, а шест беа „против“ универзитетот за одбрана, безбедност и мир.

Независната пратеничка Солза Грчева смета дека со формирање на овој универзитет се прави обид за создавање паралелен систем и за дисквалификација на УКИМ.

– Јас овој проект го гледам како штетен политички проект кој ќе нанесе само поголем удар на високото образование. Штета е што опозицијата не го истера ова докрај и дозволи формирање на овој универзитет. Ова го третирам како политички проект без никаква стратегија – рече Грчева.

Заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски, тврди дека идејата е да се зголеми квалитетот на високото образование, а не одмазда или обид за вдомување партиски кадри. Ристовски додаде дека идејата за основањето на универзитетот е да се зголеми квалитетот на високото образование.

Орхан Ибраими од ДПА смета дека новиот универзитет е навреда за Албанците зашто универзитетот не предвидува ниту една насока на албански јазик.