Подглавна секција Доналд Туск: Во ризик сме од војна, Европа не е подготвена

Доналд Туск: Во ризик сме од војна, Европа не е подготвена

Полскиот премиер и поранешен претседател на Европскиот совет изјави дека никој во Европа нема да се чувствува безбедно доколку Русија победи во Украина

Доналд Туск, PAP/EPA, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Полскиот премиер Доналд Туск изјави оти смета дека постои огромен ризик од војна и оти никој во Европа нема да се чувствува безбедно доколку Русија победи во Украина, пренесува Би-би-си.

Коментарите на поранешен претседател на Европскиот совет доаѓаат по нов напад на Русија врз Украина. Украинскиот премиер Денис Шмигаљ изјави оти украински сили собориле 58 дрона и 26 ракети и дека енергетската инфраструктурата била оштетена во шест региони во Украина.

„Не сакам никого да плашам, но војната повеќе не е само концепт од минатото. Таа е реална и започна пред повеќе од две години“, изјави Туск за европските медиуми.

Туск го истакна ставот на руската власт дека Украина стоела зад терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“ во Москва и покрај тоа што доказите покажуваат дека ИСИС најверојатно стои зад нападот. Туск вели дека овие обвиненија покажуваат дека Русите бараат секакви изговори за засилена офанзива во Украина.

Дополнително, Туск потенцира дека Русија за првпат го нападна Кијив со хиперсонични ракети изминатата недела.

Туск смета дека Европа треба да се зацврсти во однос на нејзините одбранбени способности, што би ја направила и поатрактивен партнер за САД.