Дописници Домовите на жителите на Брвеница страдаат поради необезбедениот пат

Домовите на жителите на Брвеница страдаат поради необезбедениот пат

Жителите од Брвеница бараат надлежните да го обезбедат патниот правец Тетово -Волковија, кој поминува низ нивното село. Велат дека на овој патен правец често се случуваат сообраќајки, во кои возилата завршуваат во нивните дворови.

– Тука се вози пребрзо, пред една недела автомобил заврши во мојот двор. Уништена ми е оградата, а цело семејство се уште е под стрес. Мора да се преземе нешто, да се постават банкини, легнати полицајци и слично – вели Зоран Здравески жител на село Брвеница.

Мештаните бараат и поголема контрола од полиција.

– Мора и полицијата почесто да го контролира овој пат. Тука полициски екипи доаѓаат еднаш во месецот, додава Здравески

Од Секторот за внатрешни работи Тетово, тврдат дека редовно го контролираат патниот правец Тетово – Волковија.

– СВР Тетово континуирано презема редовни контролни активности на овој патен правец. Се санкционираат возачи кои пребрзо возат или се под дејство на алкохол, кои се најчестите причини за сообраќајките – изјави Мајран Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

На регионалниот пат Тетово – Волковија за изминативе 15 месеци се случиле триесеттина сообраќајни незгоди, во кои учесниците најчесто завршувале со тешки телесни повреди.