Македонија Домашно куче „бул мастиф“ усмрти дете, во Градска болница донесено без знаци...

Домашно куче „бул мастиф“ усмрти дете, во Градска болница донесено без знаци на живот

Детето било донесено без знаци на живот. Веднаш колегите направиле обид за реанимација, но безуспешно, вели за Мета.мк директорот на Градска болница, д-р Љубен Арсенков

Фото: Wikimedia commons/Hillsemastiffs

Домашно куче од расата „англиски бул мастиф“ вчера усмрти осумгодишно дете, откако поради тешките повреди искрварило до смрт, потврди Министерството за внатрешни работи (МВР). Трагедијата се случила во населбата Пинтија, Кисела Вода. Неофицијално, станува збор за раса „англиски бул мастиф“. Како што објавува МВР, вчера, во 18:25 часот, од градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив било донесен малолетник од Скопје, кој според пријавеното, подлегнал на повредите како последица од напад од куче, сопственост на неговиот сосед Н.Г..

„За случајот е известен јавен обвинител, по чија наредба телото е предадено за обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат во МВР.

Директорот на градската општа болница, д-р Љубен Арсенков, за Мета.мк вели дека ова е прв случај во кој куче усмртило дете.

„Детето било донесено без знаци на живот. Веднаш колегите направиле обид за реанимација, но безуспешно. Не се знае дали детето веднаш после случката било донесено кај нас или веќе било пронајдено без знаци на живот, тоа ќе го покаже истрагата. Јас синоќа не бев на смена, но глетката била траорна, сите доктори и сестри што беа на работа, цела смена, денеска не се на работа“, вели Арсенков.