Македонија Догодина на премините ќе има нов систем за видео надзор и препознавање...

Догодина на премините ќе има нов систем за видео надзор и препознавање на регистарски таблици

Тој опфаќа систем за видео надзор со 350 различни различни типови на дигитални камери, систем за автоматско препознавање на регистарски таблици и централен систем за складирање на податоците

Фото: Мета.мк

Сите гранични премини во земјава наредната година ќе имаат нов централизиран систем за видео надзор и за автоматско препознавање на регистарски таблички, информираат од Mинистерството за транспорт и врски.

Министерот Благој Бочварски денеска го потпиша Договорот за имплементација на нов централизиран видео систем, со вредност од 928.500 евра, систем кој што ќе биде имплементиран во рок од една година.

Имплементацијата на овој информатички систем е во рамките на Проектот за унапредување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, а за потребите на Министерството за внатрешни работи и Царинската Управа.

Системот ќе биде поставен на 40 локации, на сите гранични премини во Република Северна Македонија.

Тој опфаќа систем за видео надзор со 350 различни различни типови на дигитални камери, систем за автоматско препознавање на регистарски таблици и централен систем за складирање на податоците.

„Унапредувањето на транспортот и на безбедноста на патиштата во Република Северна Македонија се високо на агендата на Министерството за транспорт и врски. Во таа насока континуирано работиме на мерки и активности со кои што го развиваме транспортот и ова е еден од проектите кои што заеднички бенефит ќе има Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Царинската Управа и секако граѓаните со кои што ќе се подобрат условите за работа на граничните премини“, истакна министерот Бочварски.