Економија Доделени првите договори од ТАВ Програмата за инфраструктурни проекти, вредни 9,9 милиони...

Доделени првите договори од ТАВ Програмата за инфраструктурни проекти, вредни 9,9 милиони евра

фото: Влада

За првите 23 општини од ТАВ Програмата денеска се доделија договорите за реализација на инфраструктурни проекти за граѓаните, со вкупна вредност од 609,9 милиони денари (9,9 милиони евра), кои треба да го подобрат квалитетот на живеење во тие општини. Во оваа прва група од Програмата, опфатени се: Бутел, Прилеп, Ново Село, Шуто Оризари, Крива Паланка, Валандово, Струмица, Делчево, Ресен, Пробиштип, Карбинци, Липково, Тетово, Чаир, Сарај, Росоман, Босилово, Карпош, Старо Нагоричане, Неготино, Зелениково, Теарце и Боговиње.

„Средствата се наменети за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, основни и средни училишта, доизградба на детски градинки, резервоари за вода, системи за водоснабдување и останати проекти. Предвидено е да се реализираат над 90 инфраструктурни проекти, во сите плански региони, за што се издвоени вкупно 49,7 милиони евра. Ова е првата фаза, следната е на почеток на јули, а третата ќе биде околу 20 јули“, рече премиерот Зоран Заев, на церемонијата на доделување на договорите за првите 23 општини од ТАВ Програмата.

Тој истакна дека Владата овозможува трансфер на надлежности од централно на локално ниво и дека за таа цел се започнати реформи за унапредување на фискалната децентрализација, преку раст на приходите на општините, отплата на долговите и домаќинско, транспарентно и отчетно работење. Главната цел е, според него,  зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живот на локално ниво, заради подобар живот на граѓаните, нови вработувања и економски развој.

Според Сани Шенер, главен извршен директор и претседател на групацијата ТАВ Аеродроми, оперативните и финансиските успеси имаат значење само кога создаваат општествена вредност. Тој рече дека 23 договори се првиот дел од вкупниот износ на инвестицијата од 49,7 милиони евра.

„Наместо за изградба на карго-аеродром, овие средства се пренаменуваат за проекти на локалната самоуправа и инвестиции во аеродромите. Важно е што овие средства, преку општините, ќе се користат за подобрување на локалната инфраструктура. Се надеваме дека заедно со Владата ќе продолжиме да создаваме успешни приказни“, изјави Шенер.

Договорите на градоначалниците на општините им ги доделија вицепремиерот Фатмир Битиќи и Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија, а на настанот присуствуваа и вицепремиерот Артан Груби и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.